22/05/2025
"МЕЃУ УМЕТНОСТА, ТЕХНОЛОГИЈАТА И НАУКАТА- СТОИ ВИЗИЈАТА НА НОВОТО ВРЕМЕ"
Денес на Ликовната Академија при Универзитетот "Гоце Делчев" во Штип, се отвори Годишната изложба на трудови изработени од студентите на Ликовната Академија, Технолошко- техничкиот факултет и Факултетот за Природни и Технички науки при Универзитетот "Гоце Делчев"- Штип, во академската 2024/2025 год.
Оваа презентација на студентите, заедно со нивните ментори-професорите и разновидноста на претставените дела, ја потврдува нашата заложба за поврзување на уметноста со технологијата, на науката со дизајнот- како начин на проширување на границите на современото творештво. Секое презентирано дело на изложбата, носи личен печат, истражување и посветеност. Тие се резултат на студиска дисциплина, но и храброст да се експериментира, да се поставуваат прашања и да се понудат нови визии. Студентите на свој начин, ја спојуваат идејата, со формата, емоцијата со конструкцијата, а традицијата со современите изрази. Со тоа се потврдува дека вистинското образование не завршува во рамките на една дисциплина, туку се остварува токму таму каде што тие се среќаваат, надополнуваат и меѓусебно се предизвикуваат.